За проектот
Патуваме во Европа
Потребата за реализирање на проектот ПАТУВАМЕ ВО ЕВРОПА произлегува од очигледната неможност на младата генерација, од прва рака да се запознае со фактите и искуствата на Европа. Најголем дел од младите луѓе, студенти на Универзитетите во Македонија, кои што треба да бидат носители на развојот на земјата во наредните години, па и декади, заради настаните во последните години и прашањата поврзани со визите, никогаш ја немаат напуштено земјава.
Во изминатиот период студентското движење во земјава делуваше многу дезориентирано и политизирано до висок степен. Заради тоа нема квалитативни истражувања, со кои би можеле да се аргументираат условите под кои студентите имаат можност да патуваат и да ги посетат земјите од западна Европа. Овој факт е само уште еден аргумент за итна акција, со која би се овозможило барем некои од нив да се здобијат со искуство и истото да го споделат по нивното враќање во Македонија.
Слободно може да се заклучи дека младите луѓе се изморени од слушањето за Европа, до истиот степен до кој што се желни за директен контакт и специфични искуства со истата таа Европа. Директната средба со Европа е единствен начин за здобивање на вредни сознанија за општественото геополитичко опкружување, ослободено од предрасуди и ирационална антипатија, проследена со надреалистички очекувања.
За жал, условите во кои денес живее најголемиот дел од популацијата во Македонија, особено студентите, пред се финансиските можности, не дозволуваат реализација на ваквите желби на младите. Овој проект е проткајан со идејата да помогне во решавање на овој проблем и да допринесе за интеграција на младите во Европа, на најлогичниот, најспонтаниот и најефикасниот начин.
Би сакале да истакнеме дека проектот Патуваме во Европа е прв официјален напор во Македонија, во согласност со долгорочниот традиционален проект кој се спроведува во Србија. Ова е регионален проект кој ќе биде спроведен во скоро целиот Западен Балкан, односно во Србија, Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора и Косово.
МОСТ, како партнер за имплементација ќе осигури дека целиот концепт е добро дизајниран и дека истиот ќе биде навремено имплементиран.
Мисија и цели
Мисијата на проектот е 15 студенти од Македонија, преку патување, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури на земјите од Европа, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја промовираат и Македонија во Европа.
Целите на проектот се:
- Младата академска популација од Македонија да има можност да ги запознае земјите, градовите и културата во Европа, по сопствен избор;
- Тие да бидат мисионери, кои ќе шират културен дијалог и размена, а во исто време пред граѓаните на Европа ќе ја претстават Македонија;
- Декларативната ориентација кон Европа, засилена со кандидатскиот статус, повеќе да не биде само фраза, туку да помине во искуство на најдиректен начин, а од сето тоа корист да имаат носителите на иднината на земјава;
- Подигање на нивото на свесност помеѓу младите за важноста од успешно образование, кое во поширока смисла може да влијае на изместените вредности настанати како резултат на транзицијата. Оваа активност ќе ја интензивира промоцијата на образованието, како начин да се успее во животот;
- Интелектуалната и културната елита на земјава да биде збогатена со значаен број на млади луѓе, кои во својата средина компетентно ќе можат да ја претстават Европа и вредностите на Европската идеја;
Не помалку важна цел на проектот е претставување на позитивна Македонија пред граѓаните на Европа (Секој од 15 студенти кои ќе го започнат своето патување во Јули, со себе ќе понесат брошури кои ќе ги поделат низ европските градови. На овој начин, најдобрите претставници на земјава, ќе им понудат рака на пријателство на граѓаните од Европа, промовирајќи стабилна, просперитетна и демократска Македонија).
Критериуми за избор
Основни критериуми, вклучени во формата за апликација, а врз основа на кои жирито треба да ја донесе својата одлука и да ја направи селекцијата се следните:
- Кандидати кои можат да патуваат во рамките на проектот се студенти од завршна година на студирање или апсолвенти (кандидатите ќе приложат соодветна оригинална потврда од факултетот на кој што студираат, со која што ќе го потврдат својот статус)
- Достигнувања на студентите:
- Познавање на јазици- Англиски, Германски, Француски, Италијански (кандидатите ќе имаат можност да го надополнат своето познавање на јазици)
А. Просечна оценка за време на студирањето поголема од 8,5 (кандидатите ќе достават оригинална потврда за положени испити и за средна оценка, издадена од факултетот)
Б. Година на студирање (кандидатите ќе достават потврда од факултетот и индекс за годината на која се запишани на студии)
Приоритет ќе имаат оние студенти кои никогаш не патувале во странство и кои не поседуваат биометриска патна исправа.
Ќе бидат направени две листи со вкупно 30 студенти.



